Thursday, February 27, 2014

Дела и недела



Дела и недела

Дали си ангел или ѓавол?
Дали си Богот од кого чекам поткрепа?
Како да знам кога молчиш?
Како да знам, кога тој што не си ти, се претставува во твое име?
Toj го има твојот лик, твоите зборови ги зборува,
со очите толку заводливо ја покажува душата што ја нема.
Како да знам кога со туѓа уста лажеш,
ме купуваш и ме продаваш како да сум за добивка?
И денот... и ноќта ми ги ветуваш...
И ме држиш за рака кога ме водиш по темните, блескави патишта.

Дали праќаш луѓе да ме влечат за ракав, за нос и да ми бараат пари?
Дали слушаш кога ти викаат, и тивко, и гласно?
И во мислите кога ти бараат: Дај ми! Дај ми!
Дај ми среќа, радост и дај ми пари!
Пари дај ми - за да се задоволам...
...пари - за да те сакам.

Сакаш ли од дрво, и од камен, и од метал да те сечат, делкаат и леат?
Со твоето име од усните да колнат, поробуваат и ништат?
Тука ли си или нè напушти?
Се разочара ли од делата и од неделата и си створи нов мир
подалеку од овој?


<Константин Карев, 8 мај 2013>

Monday, February 3, 2014

Какви сознанија!



Какви сознанија!

Никој не може
да се откаже
и да не мисли,
и да не каже -
да се помири
и да се предаде,
без да се продаде.

Ако сакаш ти,
продади
дел од душата;
или изнајми
само една комора
од срцето -
за да се населат
разни пакосни
созданија.

Немој, не гледај наназад!
Немој, не враќај!
Сè што поминало -
веќе одминало
и не се враќа пак.

А зарем не си ти
полн со сни
и мечтаења?
Ил не си веруваш?
...не се почитуваш?
...од што си пресметлив,
ти се сожалуваш,
и сам се сопнуваш?

Во роб се претвораш!


<Константин Карев, 25 мај 2013>