Sunday, August 21, 2016

Патување

Кога ќе ти поминат сите возови,
тогаш треба да фатиш авион,
морска ѕвезда,
сирена,
нимфа
или комета;
за опашка.

Па можеби и ќе стигнеш некаде.

Thursday, August 11, 2016

Бесценок

Бесценок

Ние сме прости и наивни луѓе.
Сакаме да бидеме
;
и мислиме дека сме добри.
Лесно се лажеме со големи идеи.

Од стрвници,
гладни за слатка власт
и за лагоден живот,
голтаме глупости,
лажни вредности и
популизам.

Нè поплавија со лаги и манипулации.
Нè искористија на сите можни начини,
но сè уште измислуваат нови...

Нè окупираа
и ни ја узурпираа
земјата од под ноктите
и водата од очите.

Сонцето го претставуваат како свое;
му ги бројат краците
и му ја присвојуваат светлината.

Ние,
од страна,
од под сенка,
со сув поглед,
гледаме како нè дават
во нашата сопствена празнотија;
нè купуваат со наши пари,
и нè продаваат за бесценок.



Константин Карев
11.08.2016

Saturday, August 6, 2016

Изгубена врска

Изгубена врска

Каде работиш (роботиш)?
Работиш (роботиш) ли некаде?
(Робуваш ли некому?)
Тоа го прашува жената мажот
,
кога се среќаваат кај чешмите,
за да си ја измијат згурата
од очите,
после ноќен сон.

Човек,
колку гордо
и грдо
тоа звучи!?

Човекот е најнапредно животно.
Тој има свест и совест.
Тој има непропорционално голема глава
и 97 проценти неискористен мозок во неа.

Сепак,
човекот владее со животите
на сите животни;
и со судбината
на материјата, творбата, Богот, Боговите...
како и да е...
што го создадоа.

Но,
колку ли е голема иронијата
што животни со два грама мозок
се разбираат подобро од луѓето?

Крикот на павијанот
за опасност;
движењето на пчелата;
допирот на антените на мравките;
пренесуваат поточна информација
отколку артикулираниот звук
и насочениот поглед
на приматот
наречен
човек.


















06.08.2016

Tuesday, August 2, 2016

Колебката на демократијата

Во конзулатот на Р. Грција во Скопје. Одамна. Луѓе чекаат во ред да ги поднесат документите за виза. Залепени еден до друг се гураат како домашни животни во трло. Жешко - да паднеш во несвест. Им се дерат, им фрлаат пасоши на земја: - Аре писо, ре, малака! 

Се мора да е подредено како што треба: пасош, молба, здравствено...
Службеникот, со манир на европска галантност го прашува човекот што е на ред да ги поднесе документите (по негово знаење, по националност - Влав): 
- Знаес разлика Сведска маса и Власка маса, трапези, ре?
Човекот одговара: - Па, не. Не знам.
Службеникот: - Аре исто, ре, исто, идио ине. На Власка маса има исто сто и на сведска маса. Само сто има зтакло!

Се смеат сите присутни. На сила, низ стиснати вилици, се смее и Влавот. Мора, инаку Гркот ќе му ги фрли документите в лице и ќе опцуе - за да докаже дека е роден во колебката на демократијата.