Friday, October 14, 2016

Три ракии

Три ракии

„Три ракии“ е поим.
„Три ракии“ е измерување.
„Три ракии“ треба да се внесе како единица мерка во SI системот.

И не е потребно строго дефинирање на таа вредност.
Оти сè е релативно.
...
Ајнштајн... Теорија на релативноста... E=m*c2

Оти после три ракии
си како Цвајнштајн.
...

А некој оди и подалеку,
па стигнува и до Драјнштајн

А има поединци кои одат дури и подалеку...

Тука ми доаѓа да го цитирам познатиот стратег,
вечен лидер и сопственик на Кратово – Ѕинго,
кој на тема на „група“ и „поединци“,
(при обидот за неговото детронизирање од челното место во тогашниот ФСМ)
се има изјаснето како:
- Па, кој го тоа сака да го предложи? Па, тоа е група поединци!

Оти камен си е камен,
а два камена се секако повеќе од еден,
а три камена се свето тројство.

Алелуја!



Wednesday, October 12, 2016

Мито и Ристо

„Во Македонија има многу мито“
Па што?
Има и многу Ристо,
па никој не крева паника.

Ова се стихови...

Ова се стихови
што се откриваат малку
по малку.

При првиот контакт -
можеби ќе ти фрлат испитувачки поглед
или надмено ќе те пресечат.

При вториот контакт,
кој трае подолго -
ќе почнеш да ги испитуваш
и ќе забележиш
дека надменоста ја има
малку помалку.

А кога,
по долго време,
ќе ги заборавиш;
и повторно, случајно, ќе ги сретнеш некаде,
веќе ќе ти биде јасно дека...

ова се стихови
што сè откриваат...


Ајде без лажење
Има песни со кои би се оженил.
Има поезија поради која би се развел.
Со некои песни би се женел
и разведувал и женел до крајот на светот.
На некои стихови би им правел нешта
што не се за кажување.
Има такви со кои добро ни оди.
Има поезија со која се среќавам само ноќе,
чија лирика се проѕира на месечева тишина,
само после полноќ
кога повеќето песни спијат.
Знам неколку од нив со кои сигурно ќе имам само секс.
Една порано, друга подоцна...
Со некои по две-три одеднаш.
Има песни што ми се покажуваат до пола,
И други на кои им допирам само по строфа.
Има поезија што би ја извел на вечера
со келнер во бело и свиткани мустаќи
кој чека да наточи
дур и читам од очи преку сребрени свеќници.
Има песни по кои би се влечел како куче.
Има и такви на кои би им дозволил да ме врзат.
Но и некои од нив плачат да ги врзам.
Стегнати во тврди корици да ги заковам
и качен врз нив за кај што не знам да испловам.
Aџамија
Автор на цртежот: Стела Динова