Friday, September 18, 2015

Ништожност

Ништожност

Лицето ти се подува.
Малите свински очиња ти се полупропаднати во дупки.
Твоите зеници не сакаат да ја гледаат реалноста што ти се случува,
твоите белки ги поддржуваат во тоа.
Сето човечко би се оттргнало од тебе и би си отишло,
било каде.
Но не може –
па затоа мора да ја дели судбината со сите твои останати клетки.

Твојата извитоперена свест и твоето чувството за самоодржување,
некако ирационално,
и против сè до што стигнала човечката цивилизација
до ова вртење на планетата,
ти советуваат да ги искористиш сите можности –
сите недомислености во човечките закони,
и сета несозреаност на јавната граѓанска свест;
наспроти интересот на народот што те избрал,
и на штета на државата што ја застапуваш;
да си ја спасиш кожата
од судбината која што праведно ја заслужуваш.

Одвратно суштество.

-       А кој е тоа?
-       Во право си –
зошто да трошиме зборови за ништожност.


Tuesday, September 15, 2015

Има Господ! Има Бог!


Има Господ! Има Бог!



Не признавам материјалности,

затоа црквите за мене се само убаво изградени куќи,

а иконите само убави форми и бои.



Илјадници пати сум се премислувал,

сум преиспитувал,

сум ставал на критички суд,

сум барал логика,

сум барал знак и потврда.



Јас како неверен Тома не верувам додека не видам,

а некогаш дури и после тоа.

Но секогаш кога очекувам да се случи нешто лошо

а се случува добро,

секојпат кога во нередот наоѓам ред и убавина,

и кога нештата како сами да си доаѓаат на место,

тогаш и душата и усните ми воскликнуваат:

- Има Господ! Има Бог!

Thursday, September 3, 2015

Ти носиш в себе еден мир

Ти носиш в себе еден мир


Ти спиеш.
Спиј,
и добро сонувај.
 
Разбуди се во оној розов свет,
каде што луѓето се деца наивни,
такви, што сакаат од срце
и памтат тага само еден миг.

Разбуди се со крилја. Летај, мило!
Бразди вечна шир.
И ко што секој невин живот носи -
ти носиш в себе еден мир.



Константин Карев

03.09.15