Tuesday, July 22, 2014

Лесна гатанка

Лесна гатанка
 
Тој сè знае, и сè може,
чувај ни го него, Боже!
Знае држава да води,
знае земји, знае води,
знае здравство, знае спорт,
од култура нема зорт.
Како да е архитект?
Има голем интелект.
Економија и право:
кој му смета – лежи здраво.
Знае гласови да брои, ако треба – и ги двои,
и ги трои, а и знае да ги штрои.
Знае сè што треба да се знае –
сега зеде голем заем.
Ние без него сме – ништо.
Јас, без него – гол ко пиштол.
Тој во партија ме кани –
за да немам лути рани.
За да имам работа –
понеделник до сабота,
да ми престане голготата,
да си товарам банкнотата,
за да можам да живеам –
маки да преживеам,
и да можам да се женам,
семејство јас да си кренам,
за да можам да остварам –
сам да не си остарам, без род да не останам.
Тој е најдобар на свет –
нешто како: женски зет.
Кој ли канал да го гледаш
на него ќе налеташ.
Ќе не води вечно нас –
кому џелат, кому спас.

<Константин Карев, 22.07.2014>