Friday, May 19, 2017

Поддршка од горе

Поддршка од горе

Јас добивам поддршка
од Господ.
Не од тој,
нацртаниот
и создаден во вашите глави.
Туку од тој
што ме враќа да бидам човек,
тогаш
кога имам пориви
да бидам најсурово животно;
тогаш
кога од човек
се претворам во суперчовек
кој тежнее да ги понижи,
надитри, искористи и потчини
сите околу себе.

Јас верувам во него,
затоа што и тој во мене верува.
Тој ми дава можности и патокази...
ми дава избор...
да грешам
и да се исправам;
да паѓам
и да станувам;
да бидам човек –
затоа што човек сум.

19.05.2017

Tuesday, May 9, 2017

Таинство

Песна на Љубе Лазаровски:

Таинство

Јас сум вселенски патриот,
роден во облаците на оваа бесрамна пукнатина.
Јас сум кутар и ментално нестабилен,
со илјада дијагнози,
чудни како Бермудскиот триаголник.
Јас сум беден брат монах.
Еден, а со сите...
Пред летната квечерина клекнувам на молитва
таинство на херувимите...
ехо на серафимите...
мирот на светиите.
Со сè тело истекувам,
истекувам со сè дух,
заради љубовта истекувам...
да останам прочистен...
космичка будалетинка да останам.
Но барем... да имаше очи, па да ме видиш...
раце... да ме допреш...
Ако судбина е тоа,
тогаш и судбината нека носи
судбина како нашата!