Tuesday, October 23, 2018

Сласта на власта

Ти не си ти кога си изгладнет.
Грабни мандат
и почувствувај ја
сласта на власта!


Sunday, May 6, 2018

Девалвирана професија

Овчарот избезумено викаше по луѓето, да се свртат и да видат како волкот им се токми, ама тие не сакаа повторно да бидат излажани, па му враќаа:
- Не ти веруваме веќе! Ги знаеме твоите шеги!
Дури кога ги зграпчуваше за задното дебело месо и кога ја здогледуваа бојата на сопствената крв и ја осетуваа топлината на своето месото, тие осознаваа дека волк има, но дури и тогаш, колку што можеа, викаа:
- Друг е овој волк, пак не излажа!

Имајќи ја оваа слика пред своите очи овчарот не можеше да се ослободи од мислата за тоа колку е девалвирана овчарската професија.






Tuesday, April 10, 2018

До некоја друга димензија на постоењето

До некоја друга димензија на постоењето
Не прифаќаш.
Не сакаш да веруваш.
Мислиш дека е тоа некоја лоша мисла, која ќе одмине.
Лош сон, кошмар.
Невистина.
Измислица.
Погрешна информација.
Лага.
Што да направиш кога ќе добиеш такво незамисливо тажно известување?
Што да сториш кога ќе дознаеш дека дел од тебе веќе го нема?
Ти навираат моменти на заедништво, дружење, пријателство,
разбирање и замисли кои веќе нема да се реализираат,
барем не во оваа земна димензија.
Тука сите сме гости,
но, некои од нас пребрзо заминуваат,
можеби нивните питоми души брзаат дома,
во некое непознато за нас измерување...

Мирче Ќорнаков беше голем човек, уметник и спортист;
почина денес, ненадејно;
заспа и се разбуди во вечноста.
Ти благодарам што си ми пријател Mirce Kornakov, засекогаш.
'Полетување, с.Казандол, Валандово'

Friday, June 9, 2017

Пасус од необјавена песна


.....

.....

Не одрекувам -

врани умот ми го пиле,

луди мисли ми се збиле.

....
....

Friday, May 19, 2017

Поддршка од горе

Поддршка од горе

Јас добивам поддршка
од Господ.
Не од тој,
нацртаниот
и создаден во вашите глави.
Туку од тој
што ме враќа да бидам човек,
тогаш
кога имам пориви
да бидам најсурово животно;
тогаш
кога од човек
се претворам во суперчовек
кој тежнее да ги понижи,
надитри, искористи и потчини
сите околу себе.

Јас верувам во него,
затоа што и тој во мене верува.
Тој ми дава можности и патокази...
ми дава избор...
да грешам
и да се исправам;
да паѓам
и да станувам;
да бидам човек –
затоа што човек сум.

19.05.2017

Tuesday, May 9, 2017

Таинство

Песна на Љубе Лазаровски:

Таинство

Јас сум вселенски патриот,
роден во облаците на оваа бесрамна пукнатина.
Јас сум кутар и ментално нестабилен,
со илјада дијагнози,
чудни како Бермудскиот триаголник.
Јас сум беден брат монах.
Еден, а со сите...
Пред летната квечерина клекнувам на молитва
таинство на херувимите...
ехо на серафимите...
мирот на светиите.
Со сè тело истекувам,
истекувам со сè дух,
заради љубовта истекувам...
да останам прочистен...
космичка будалетинка да останам.
Но барем... да имаше очи, па да ме видиш...
раце... да ме допреш...
Ако судбина е тоа,
тогаш и судбината нека носи
судбина како нашата!

Friday, December 23, 2016

Нелогично неприкладен

Колку сум наивен.
Очекував пијавиците поставени на директорски места од Никола Груевски, и нивните лакеи, да ми ги објават стиховите ако од нив ја извадам експлицитноста во обраќањето кон нивниот патрон, па во нив да видат уметност, да видат универзалност на пораката и стремеж кон облагородување на македонското оштество и култура.

До глупост сум наивен кога очекував стражарите да ме допуштат кај императорот, па да го отрујам со вистината.

Тие се практични и умни.
Јас сум нелогично неприкладен.


Така треба

Лагата има кратки нозе,
се облекува во слоеви,
згодна е и изгледа слатко.
Нејзиниот убод боли долго и силно.
Таа живее во разумот и го труе.
Те врзува, те држи заробен и долго те мачи.
Умна е и зборита,
но плитка и површна,
затоа заборава што рекла.
На прашања одговара со:
„Така треба” и „Така одлучив”.
Секогаш е тука и бара застапници –
за да ја бранат.
Се шмугнува помеѓу зборови
и се провира позади трепкањето на очите,
и само таму може да се види и познае –
по лажниот сјај.
Никогаш не спие –
ја мачат кошмари.
Живее во големи колонии,
се убива тешко,
затоа што сама од себе се храни.
Умира од природна смрт
при недостаток на внимание.

Вистината има долги нозе,
но нема рамнотежа и координација.
Изгледа сурово и може да боли;
но боли здраво,
како печењето на копривата
или како убод на пчела.
Наивна е
и одговара на секое поставено прашање.
Но не мораш да се сеќаваш колку правди си кажал
и кому си ги кажувал,
ги памти твојот Бог.
Ако ја одрекнуваш правдата –
ништо не се менува,
таа останува тука.
Таа знае да лекува сè,
шета гола
и живее самостојно,
во срцето.
Понекогаш спие предолго,
доаѓа доцна,
но се фрла право в лице –
се бори лавовски,
сама знае да се брани,
и никогаш не умира.
Треба само да ја ослободиш.

Вистината е посилна од лагата,
единствено не знае да лаже.



Ништожност

Лицето ти се подува.
Малите свински очиња
ти се полупропаднати во дупки.
Твоите зеници
не сакаат да ја гледаат реалноста
што ти се случува,
твоите белки
ги поддржуваат во тоа.

Сето човечко
би се оттргнало од тебе
и би си отишло,
било каде.
Но не може –
па затоа мора
да ја дели судбината
со сите твои останати клетки.

Твојата извитоперена свест
и твоето чувството за самоодржување,
некако ирационално,
и против сè
до што стигнала човечката цивилизација
до ова вртење на планетата,
ти советуваат
да ги искористиш сите можности –
сите недомислености во човечките закони,
и сета несозреаност на јавната граѓанска свест;
наспроти интересот на народот што те избрал,
и на штета на државата што ја застапуваш;
да си ја спасиш кожата
од судбината која што праведно ја заслужуваш.

– А кој е тоа?
– Во право си –
зошто да трошиме зборови
за ништожност.


https://www.facebook.com/events/181609352309946/