Monday, March 2, 2015

Така треба (на Никола Груевски)

Така треба
(посветена на Никола Груевски)

Лагата има кратки нозе,
се облекува во слоеви,
згодна е и изгледа слатко.
Нејзиниот убод боли долго и силно.
Таа живее во разумот и го труе.
Те врзува, те држи заробен и долго те мачи.
Умна е и зборита,
но плитка и површна,
затоа заборава што рекла.
На прашања одговара со: „Така треба„ и „Така одлучив„.
Секогаш е тука и бара застапници –
за да ја бранат.
Се шмугнува помеѓу зборови
и се провира позади трепкањето на очите,
и само таму може да се види и познае –
по лажниот сјај.
Никогаш не спие –
ја мачат кошмари.
Живее во големи колонии,
се убива тешко,
затоа што сама од себе се храни.
Умира од природна смрт
при недостаток на внимание.

Вистината има долги нозе,
но нема рамнотежа и координација.
Изгледа сурово и може да боли;
но боли здраво,
како печењето на копривата
или како убод на пчела.
Наивна е
и одговара на секое поставено прашање.
Но не мораш да се сеќаваш колку правди си кажал
и кому си ги кажувал,
ги памти твојот Бог.
Ако ја одрекнуваш правдата –
ништо не се менува,
таа останува тука.
Таа знае да лекува сè,
шета гола
и живее самостојно,
во срцето.
Понекогаш спие предолго,
доаѓа доцна,
но се фрла право в лице –
се бори лавовски,
сама знае да се брани,
и никогаш не умира.
Треба само да ја ослободиш.

Вистината е посилна од лагата,
единствено не знае да лаже.

Македонија треба да продолжи и по тебе, Никола Груевски. Така треба.












Константин Карев
02.03.2015