Friday, December 23, 2016

Нелогично неприкладен

Колку сум наивен.
Очекував пијавиците поставени на директорски места од Никола Груевски, и нивните лакеи, да ми ги објават стиховите ако од нив ја извадам експлицитноста во обраќањето кон нивниот патрон, па во нив да видат уметност, да видат универзалност на пораката и стремеж кон облагородување на македонското оштество и култура.

До глупост сум наивен кога очекував стражарите да ме допуштат кај императорот, па да го отрујам со вистината.

Тие се практични и умни.
Јас сум нелогично неприкладен.


Така треба

Лагата има кратки нозе,
се облекува во слоеви,
згодна е и изгледа слатко.
Нејзиниот убод боли долго и силно.
Таа живее во разумот и го труе.
Те врзува, те држи заробен и долго те мачи.
Умна е и зборита,
но плитка и површна,
затоа заборава што рекла.
На прашања одговара со:
„Така треба” и „Така одлучив”.
Секогаш е тука и бара застапници –
за да ја бранат.
Се шмугнува помеѓу зборови
и се провира позади трепкањето на очите,
и само таму може да се види и познае –
по лажниот сјај.
Никогаш не спие –
ја мачат кошмари.
Живее во големи колонии,
се убива тешко,
затоа што сама од себе се храни.
Умира од природна смрт
при недостаток на внимание.

Вистината има долги нозе,
но нема рамнотежа и координација.
Изгледа сурово и може да боли;
но боли здраво,
како печењето на копривата
или како убод на пчела.
Наивна е
и одговара на секое поставено прашање.
Но не мораш да се сеќаваш колку правди си кажал
и кому си ги кажувал,
ги памти твојот Бог.
Ако ја одрекнуваш правдата –
ништо не се менува,
таа останува тука.
Таа знае да лекува сè,
шета гола
и живее самостојно,
во срцето.
Понекогаш спие предолго,
доаѓа доцна,
но се фрла право в лице –
се бори лавовски,
сама знае да се брани,
и никогаш не умира.
Треба само да ја ослободиш.

Вистината е посилна од лагата,
единствено не знае да лаже.



Ништожност

Лицето ти се подува.
Малите свински очиња
ти се полупропаднати во дупки.
Твоите зеници
не сакаат да ја гледаат реалноста
што ти се случува,
твоите белки
ги поддржуваат во тоа.

Сето човечко
би се оттргнало од тебе
и би си отишло,
било каде.
Но не може –
па затоа мора
да ја дели судбината
со сите твои останати клетки.

Твојата извитоперена свест
и твоето чувството за самоодржување,
некако ирационално,
и против сè
до што стигнала човечката цивилизација
до ова вртење на планетата,
ти советуваат
да ги искористиш сите можности –
сите недомислености во човечките закони,
и сета несозреаност на јавната граѓанска свест;
наспроти интересот на народот што те избрал,
и на штета на државата што ја застапуваш;
да си ја спасиш кожата
од судбината која што праведно ја заслужуваш.

– А кој е тоа?
– Во право си –
зошто да трошиме зборови
за ништожност.


https://www.facebook.com/events/181609352309946/


Friday, October 14, 2016

Три ракии

Три ракии

„Три ракии“ е поим.
„Три ракии“ е измерување.
„Три ракии“ треба да се внесе како единица мерка во SI системот.

И не е потребно строго дефинирање на таа вредност.
Оти сè е релативно.
...
Ајнштајн... Теорија на релативноста... E=m*c2

Оти после три ракии
си како Цвајнштајн.
...

А некој оди и подалеку,
па стигнува и до Драјнштајн

А има поединци кои одат дури и подалеку...

Тука ми доаѓа да го цитирам познатиот стратег,
вечен лидер и сопственик на Кратово – Ѕинго,
кој на тема на „група“ и „поединци“,
(при обидот за неговото детронизирање од челното место во тогашниот ФСМ)
се има изјаснето како:
- Па, кој го тоа сака да го предложи? Па, тоа е група поединци!

Оти камен си е камен,
а два камена се секако повеќе од еден,
а три камена се свето тројство.

Алелуја!



Wednesday, October 12, 2016

Мито и Ристо

„Во Македонија има многу мито“
Па што?
Има и многу Ристо,
па никој не крева паника.

Ова се стихови...

Ова се стихови
што се откриваат малку
по малку.

При првиот контакт -
можеби ќе ти фрлат испитувачки поглед
или надмено ќе те пресечат.

При вториот контакт,
кој трае подолго -
ќе почнеш да ги испитуваш
и ќе забележиш
дека надменоста ја има
малку помалку.

А кога,
по долго време,
ќе ги заборавиш;
и повторно, случајно, ќе ги сретнеш некаде,
веќе ќе ти биде јасно дека...

ова се стихови
што сè откриваат...


Ајде без лажење
Има песни со кои би се оженил.
Има поезија поради која би се развел.
Со некои песни би се женел
и разведувал и женел до крајот на светот.
На некои стихови би им правел нешта
што не се за кажување.
Има такви со кои добро ни оди.
Има поезија со која се среќавам само ноќе,
чија лирика се проѕира на месечева тишина,
само после полноќ
кога повеќето песни спијат.
Знам неколку од нив со кои сигурно ќе имам само секс.
Една порано, друга подоцна...
Со некои по две-три одеднаш.
Има песни што ми се покажуваат до пола,
И други на кои им допирам само по строфа.
Има поезија што би ја извел на вечера
со келнер во бело и свиткани мустаќи
кој чека да наточи
дур и читам од очи преку сребрени свеќници.
Има песни по кои би се влечел како куче.
Има и такви на кои би им дозволил да ме врзат.
Но и некои од нив плачат да ги врзам.
Стегнати во тврди корици да ги заковам
и качен врз нив за кај што не знам да испловам.
Aџамија
Автор на цртежот: Стела Динова

Wednesday, September 21, 2016

Внимание! Грчките чергари напаѓаат!

Опишувам ситуација доживеана во продавница за техничка стока во Гевгелија.

Продавницата е голема, припаѓа на голем ланец. Во смена се вработени двајца луѓе. Едниот е ангажиран покажувајќи нешто на пар купувачи длабоко во продавницата. Другиот разговара со мене.
Во продавницата влегува човек кој го привлекува вниманието расфрлајќи ги рацете во сите насоки, правејќи артистични гестови и викајќи на грчки: - Зборува ли некој на грчки!!!???
Никој не знае грчки. Човекот со гестови покажува дека сака да купи миксер. И вториот продавач и јас му пристапуваме, почнува забуна со пресметување на цените во евра. Гркот се прави недоветен, дури се расправа дека му е скапо - во Грција било поевтино. По некое време Гркот се врти и си оди.
Што точно се случи?
Претпоставкава ми дојде подоцна - по пат накај дома. Мислам дека Гркот немаше намера да купи нешто, туку намерно го ангажираше вниманието додека некој друг влегол незабележано во продавницата за да „пазари“ бесплатно. 

Дали активноста на грчките чергари беше успешна - не можам да знам. Не знаат ниту продавачите со кои ги споделив моите претпоставки кога се вратив во продавницата, барем не знаеа во тоа време. Едниот кажа дека такви случаи имало.
Е па - нека внимаваат сите што можат да имаат работа со вакви чергари.
Внимание! Грчките чергари напаѓаат!

Се чувствувам исто како што се чувствував на касата во Кам маркет пред некоја година, кога касиерката и врати кусур на жента пред мене како таа да дала 1000 денари, а жената даде 500 денари. Жената по кратко двоумење го пикна кусурот в џеб и со итро-исплашена насмевка изчезна од продавницата додека јас се двоумев дали сум забележал правилно и дали да реагирам.

Неоправдан немир

Не се вознемирувајте толку - проверив и знам, Месечината е на своето место.

Sunday, August 21, 2016

Патување

Кога ќе ти поминат сите возови,
тогаш треба да фатиш авион,
морска ѕвезда,
сирена,
нимфа
или комета;
за опашка.

Па можеби и ќе стигнеш некаде.

Thursday, August 11, 2016

Бесценок

Бесценок

Ние сме прости и наивни луѓе.
Сакаме да бидеме
;
и мислиме дека сме добри.
Лесно се лажеме со големи идеи.

Од стрвници,
гладни за слатка власт
и за лагоден живот,
голтаме глупости,
лажни вредности и
популизам.

Нè поплавија со лаги и манипулации.
Нè искористија на сите можни начини,
но сè уште измислуваат нови...

Нè окупираа
и ни ја узурпираа
земјата од под ноктите
и водата од очите.

Сонцето го претставуваат како свое;
му ги бројат краците
и му ја присвојуваат светлината.

Ние,
од страна,
од под сенка,
со сув поглед,
гледаме како нè дават
во нашата сопствена празнотија;
нè купуваат со наши пари,
и нè продаваат за бесценок.



Константин Карев
11.08.2016

Saturday, August 6, 2016

Изгубена врска

Изгубена врска

Каде работиш (роботиш)?
Работиш (роботиш) ли некаде?
(Робуваш ли некому?)
Тоа го прашува жената мажот
,
кога се среќаваат кај чешмите,
за да си ја измијат згурата
од очите,
после ноќен сон.

Човек,
колку гордо
и грдо
тоа звучи!?

Човекот е најнапредно животно.
Тој има свест и совест.
Тој има непропорционално голема глава
и 97 проценти неискористен мозок во неа.

Сепак,
човекот владее со животите
на сите животни;
и со судбината
на материјата, творбата, Богот, Боговите...
како и да е...
што го создадоа.

Но,
колку ли е голема иронијата
што животни со два грама мозок
се разбираат подобро од луѓето?

Крикот на павијанот
за опасност;
движењето на пчелата;
допирот на антените на мравките;
пренесуваат поточна информација
отколку артикулираниот звук
и насочениот поглед
на приматот
наречен
човек.


















06.08.2016

Tuesday, August 2, 2016

Колебката на демократијата

Во конзулатот на Р. Грција во Скопје. Одамна. Луѓе чекаат во ред да ги поднесат документите за виза. Залепени еден до друг се гураат како домашни животни во трло. Жешко - да паднеш во несвест. Им се дерат, им фрлаат пасоши на земја: - Аре писо, ре, малака! 

Се мора да е подредено како што треба: пасош, молба, здравствено...
Службеникот, со манир на европска галантност го прашува човекот што е на ред да ги поднесе документите (по негово знаење, по националност - Влав): 
- Знаес разлика Сведска маса и Власка маса, трапези, ре?
Човекот одговара: - Па, не. Не знам.
Службеникот: - Аре исто, ре, исто, идио ине. На Власка маса има исто сто и на сведска маса. Само сто има зтакло!

Се смеат сите присутни. На сила, низ стиснати вилици, се смее и Влавот. Мора, инаку Гркот ќе му ги фрли документите в лице и ќе опцуе - за да докаже дека е роден во колебката на демократијата.

Wednesday, July 27, 2016

Кинење и винење

Сè си има мерка,
слабост, раб, крај,
капацитет,
издржливост,
носивост
и траење...

Кога тие граници се достигнати
настанува прекин, прелив, премин,
спој, збој, бој, убој,
крах, прах,
кинење и винење.

боне силванева























Thursday, July 14, 2016

С’та истина за Македонка

Си е била една жена, се е викала Македонка. Така она самата се е викала и нејни неколку другачки шчо а викале така, а некој друг а викал моја Донка, друг Комшивката од долу, некој а викал Една уз копје, а мнозина а викале Бившата на Славко браварут жена (накратко БСБЖ).

А Славко браварут - шетан човек, и уф швапско е бил, и уф руско е бил, и затвори е лежал, 2-3 имијна си е сменил, женскар, швалер, уз шест жени и оште 2 покрај них. А е кажувал оти не са врзуве. А и знајал е да каже: Ти това да напраиш, ти това... 88 години е живејал, а ка умрел жените му са истепали. Му са истепали! До крв! Едната е викала оти сè е нејно - се е бијала уз друзите, бркала земја да ј дадат. А друзте да са удбранат уд неа бегале коа на каде. Само Македонка мирно си е заминала, уз ништо. Уз 5 гроша и долгове.

И Македонка ги е менувала мжето. Кој стигнал а лажал: „- Ште те нагиздам как чрвена булка“ - е викал Љубчо лудио; „- Уд 15ти септември че ми ти даам да работиш“ - а лажал Бранко кривио; Бучко лоповут: „- Че ми ти даам право“; „- Сега че стане, сега че флезне“ - Кољо (узур)паторо... А а лажале и Ќиро фишек, Боро добрио; а Ѓоко калинката сусем а преварал...
А она проста... Проста!

Од дека е била и она не е знајала. Еднаш е викала дека таткој бил Александро големио, еднаш Русе Мечкарот, а еднаш Славко Браварут го е кажувала и за татко, и за мж: „- Јас сум Славкова, Славко е мој“ е викала.

Така’.
Греотичка.

Wednesday, April 13, 2016

Заспаниот Валандовчанец

Тој мислеше дека мисли
додека береше калинки.
Кога се освести,
се чудеше:
 Зошто тоа
му се обраќаат со „Претседателе“?

Па реши да одлучи нешто,
да пресече нешто 
па си го пресече јазолот.
После повторно
се чудеше:
 Оти сега почнаа да го викаат Дебил?



Wednesday, April 6, 2016

Народецот македонски

Народот македонски

И тој што копа в контејнер,
и тој во најскап ресторан,
и крвав убиец и ѕвер,
и тој на лошо приморан,
најпаметен и најглуп,
и културен и мангуп,
и тој што краде пари,
провизии што ќари,
и тој што писма носи,
и голите и боси;
и голем патриот,
и предавник на род;
и тој што пцуе многу,
Ме слушаш? Демагогу!
Сето е народ ендемски,

народецот македонски.


Thursday, February 25, 2016

боне силванева




боне силванева га гледаше саато -
беше време да га фане паато;
да помине далечин'те,
да собере патарин'те.

Friday, February 12, 2016

Ќе изгадиме згади!!! (Список на нови 40 предлог проекти за ДРПМНЕ)

Ќе изгадиме згади!!!

Список на нови 40 предлог проекти за ДРПМНЕ:



1. „Поголеми гради за млади!„

2. „Јади желади!„

3. „Нешто ни залади!„

4. „Клади си водопади!„

5. „Прави блокади!„

6. „Пуштајте бради!„

7. „Казнени бригади!„

8. „Загубени декади!„

9. „Субвенции дади!„

10. „Си додаваме плати!„

11. „Во контејнер јади!„

12. „Воздухот се загади!„

13. „Засади си згради!„

14. „Нови забегани влади!„

15. „Обвини странски служби и амбасади!„

16. „Бугарски си извади?„

17. „Нестабилност вгради!„

18. „Јајцата ги лади!„

19. „Омраза им всади?„

20. „Никому непотребни споменици гради!„

21. „Од стиропор фасади!„

22. „Плацот си го загради?„

23. „За нашите - партиски награди!„

24. „Прејади се чоколади!„

25. „Илјадници млади номади!„

26. „Кујќата ја издади!„

27. „Палмови насади!„

28. „Организирај контранапади!„

29. „Преку провизии кради!„

30. „Наши ливади!„

31. „За нашите – бесплатни лимонади!„

32. „Чекорите ги надгради!„

33. „Планирани напади!„

34. „За на митинг огради!„

35. „Скапи врби сади!„

36. „Универзитетски упади!„

37. „Градови отпади!„

38. „Прекопај плоштади!„

39. „Партиски паради!„

40. „Општество уназади!„




Нешто ми се згади!!!



Saturday, February 6, 2016

Лесно неодговорливи прашања - ЕФтини Клетви

Лесно неодговорливи прашања -
ЕФтини Клетви
(посветено на Евтим Клетников)       

Доаѓате од Скопје, од големиот град,
очекувате да ве гледаат со очи од восхит,
да ве слушаат со пустинска жед,
и да ви се чудат со недоразбрана глупост.

Очекувате да ви поставуваат лесно одговорливи прашања,
па дури ако не е така, што и да ве прашаат,
ќе го кажете тоа што сте го спремале неколку децении -
подготвена, ерудирана демагогија.

Ќе ве поддржат локални поддржувачи,
со нивните намуртени (сериозни, де) лица,
и со прекор до секој кој ќе ве прашува
лесно неодговорливи прашања.

Клетви нема.
Побарајте (пробајте) утре.

Евтино си поминавте.


Thursday, January 21, 2016

Човек

Човек

Треба да се продолжи да се биде човек.

Човекот може да го победи едноумието,
безумието
и глупоста;
и својата и туѓата.

Sunday, January 17, 2016

Сè што е џабе – малку е

Коцката е украдена. Јас знам. Јас ја чував.
Донесоа многу коцка, ги асфалтираа улиците во градот па ја ваѓаа. Имаше многу коцка. Ја истоварија надвор од кругот. Не знам зошто. Веројатно од глупост. Им реков дека можам да ја внесам во кругот со машината. Не ме слушаа.
Не спиев цели ноќи – ја чував коцката.

Прво дојде директорот на водна, со приколка и со работници. Свирам со тоа свирчето.
Вика: - Што се буниш?
Му побарав црно на бело. Немаше. Кажа - му дозволил техничкиот. А јас од кај да знам? Не му дадов. Утредента го прашав Рамадан. Не дозволувал никому.

Потоа доаѓаа познати. Викаа: - Дај бе, дај 10-15 квадрата да си изредам.
А јас: - Не. Тебе 10, нему 15, а после јас ќе одговарам.

Два - три дена поминаа, дојде доктор Стојко. Го знаев Стојкота, ме лекуваше од ишијас. Сега ќе си правел патеки на Смрдлива ли, на Ума ли.
Му викам: - Црно на бело имаш?
Вика: - Имам.
И што да му правам? Имаше. Имаше писулче од Рамадан: „Дај му коцка на Стојко„.
А колку? Па тој со камион дојде, за да не иде два пати. Толку го претовари што се скара со шоферот. Малку му било. Сè што е џабе – малку е.
Утредента одам кај Рамадан. Вика – му досадувал, па му дал.
- Е па – му викам – барај некој друг да одговара за коцката.
Така и остана подзинат. Не рече ништо.

Потоа доаѓаа сите и крдеа коцка. Јас знам. Јас ги гледав.
Два дена ги гледав. И нашите земаа коцка. И ним им требала. И тие се луѓе.

Помина. Само што ми се скараа сите познати.
Викаа: - Босанска главо, без коцка ме остави.


Така се крадеше коцката. Сеуште памтам.