Friday, December 23, 2016

Нелогично неприкладен

Колку сум наивен.
Очекував пијавиците поставени на директорски места од Никола Груевски, и нивните лакеи, да ми ги објават стиховите ако од нив ја извадам експлицитноста во обраќањето кон нивниот патрон, па во нив да видат уметност, да видат универзалност на пораката и стремеж кон облагородување на македонското оштество и култура.

До глупост сум наивен кога очекував стражарите да ме допуштат кај императорот, па да го отрујам со вистината.

Тие се практични и умни.
Јас сум нелогично неприкладен.


Така треба

Лагата има кратки нозе,
се облекува во слоеви,
згодна е и изгледа слатко.
Нејзиниот убод боли долго и силно.
Таа живее во разумот и го труе.
Те врзува, те држи заробен и долго те мачи.
Умна е и зборита,
но плитка и површна,
затоа заборава што рекла.
На прашања одговара со:
„Така треба” и „Така одлучив”.
Секогаш е тука и бара застапници –
за да ја бранат.
Се шмугнува помеѓу зборови
и се провира позади трепкањето на очите,
и само таму може да се види и познае –
по лажниот сјај.
Никогаш не спие –
ја мачат кошмари.
Живее во големи колонии,
се убива тешко,
затоа што сама од себе се храни.
Умира од природна смрт
при недостаток на внимание.

Вистината има долги нозе,
но нема рамнотежа и координација.
Изгледа сурово и може да боли;
но боли здраво,
како печењето на копривата
или како убод на пчела.
Наивна е
и одговара на секое поставено прашање.
Но не мораш да се сеќаваш колку правди си кажал
и кому си ги кажувал,
ги памти твојот Бог.
Ако ја одрекнуваш правдата –
ништо не се менува,
таа останува тука.
Таа знае да лекува сè,
шета гола
и живее самостојно,
во срцето.
Понекогаш спие предолго,
доаѓа доцна,
но се фрла право в лице –
се бори лавовски,
сама знае да се брани,
и никогаш не умира.
Треба само да ја ослободиш.

Вистината е посилна од лагата,
единствено не знае да лаже.



Ништожност

Лицето ти се подува.
Малите свински очиња
ти се полупропаднати во дупки.
Твоите зеници
не сакаат да ја гледаат реалноста
што ти се случува,
твоите белки
ги поддржуваат во тоа.

Сето човечко
би се оттргнало од тебе
и би си отишло,
било каде.
Но не може –
па затоа мора
да ја дели судбината
со сите твои останати клетки.

Твојата извитоперена свест
и твоето чувството за самоодржување,
некако ирационално,
и против сè
до што стигнала човечката цивилизација
до ова вртење на планетата,
ти советуваат
да ги искористиш сите можности –
сите недомислености во човечките закони,
и сета несозреаност на јавната граѓанска свест;
наспроти интересот на народот што те избрал,
и на штета на државата што ја застапуваш;
да си ја спасиш кожата
од судбината која што праведно ја заслужуваш.

– А кој е тоа?
– Во право си –
зошто да трошиме зборови
за ништожност.


https://www.facebook.com/events/181609352309946/


No comments:

Post a Comment