Thursday, January 21, 2016

Човек

Човек

Треба да се продолжи да се биде човек.

Човекот може да го победи едноумието,
безумието
и глупоста;
и својата и туѓата.

Sunday, January 17, 2016

Сè што е џабе – малку е

Коцката е украдена. Јас знам. Јас ја чував.
Донесоа многу коцка, ги асфалтираа улиците во градот па ја ваѓаа. Имаше многу коцка. Ја истоварија надвор од кругот. Не знам зошто. Веројатно од глупост. Им реков дека можам да ја внесам во кругот со машината. Не ме слушаа.
Не спиев цели ноќи – ја чував коцката.

Прво дојде директорот на водна, со приколка и со работници. Свирам со тоа свирчето.
Вика: - Што се буниш?
Му побарав црно на бело. Немаше. Кажа - му дозволил техничкиот. А јас од кај да знам? Не му дадов. Утредента го прашав Рамадан. Не дозволувал никому.

Потоа доаѓаа познати. Викаа: - Дај бе, дај 10-15 квадрата да си изредам.
А јас: - Не. Тебе 10, нему 15, а после јас ќе одговарам.

Два - три дена поминаа, дојде доктор Стојко. Го знаев Стојкота, ме лекуваше од ишијас. Сега ќе си правел патеки на Смрдлива ли, на Ума ли.
Му викам: - Црно на бело имаш?
Вика: - Имам.
И што да му правам? Имаше. Имаше писулче од Рамадан: „Дај му коцка на Стојко„.
А колку? Па тој со камион дојде, за да не иде два пати. Толку го претовари што се скара со шоферот. Малку му било. Сè што е џабе – малку е.
Утредента одам кај Рамадан. Вика – му досадувал, па му дал.
- Е па – му викам – барај некој друг да одговара за коцката.
Така и остана подзинат. Не рече ништо.

Потоа доаѓаа сите и крдеа коцка. Јас знам. Јас ги гледав.
Два дена ги гледав. И нашите земаа коцка. И ним им требала. И тие се луѓе.

Помина. Само што ми се скараа сите познати.
Викаа: - Босанска главо, без коцка ме остави.


Така се крадеше коцката. Сеуште памтам.