Monday, December 28, 2015

Проѕирни мисли

Проѕирни мисли

Припрости суштества.
Не ме забележуваат:
или гледаат низ мене
во некоја своја цел од другата страна,
или се гледаат себеси во мене.

Осознаваат дека постојам
само тогаш кога ликот им е деформиран
па тогаш ме тријат во надеж дека
тоа што го виделе не е вистина.

Не отишле подалеку од мувите,
кои со сета сила се залетуваат,
и сакаат да пробијат низ мене,
чукајќи со своите празни глави;
или од гулабите,
кои колвејќи ме со своите рожести клунови,
се надеваат да направат отвор низ мене.




Friday, December 18, 2015

Срамој

Срамој

Тие ги искористија своите шанси
да си ги решат животните прашања.
Сега се кријат позади титулите.
Ги имаат сфатено правилата на играта
затоа не зборуваат многу
и не прават непромислени потези.
Со децении запоседнуваат фунции.
Последен пат се побуниле
против системот
во прошлиот век.
Од тогаш им датира
и последното големо дело.
Создаваат самобендисана,
ништо не кажувачка,
и никому непотребна уметност,
а за неа добиваат награди,
насловени со значајни државни празници.
Пишуваат дебели книги
кои никој не ги чита;
ги печатат во тврд повез,
со државни пари.
Политичарите ги викаат на прослави и банкети
за да се покажат во нивно друштво.
Од чувството на безначајност,
меѓу себе, се тешат
со квази интелектуални разговори,
завиткани во дебела снобовштина.
Говорам за молчаливите сведоци
на умирањето на една нација –
на мојата нација.

Thursday, December 10, 2015

Измешани чувства

Имам измешани чувства –
гледам човечка креативност,
но гледам и нечовечка сиромаштија.

https://www.facebook.com/joelsr/videos/10151717134247179/?pnref=story

Надеж

Сè поминува -

и тешкото и лесното,

и радоста и тагата,

и љубовта и лагата.

Saturday, November 14, 2015

Ода за земјите македонски


Ода за земјите македонски

Тргнал Зајко храбро да нè брани,
сите слободи и правдини да ни ги одбрани,
од тој ми болен патор,
луд ли патор – узурпатор.

Па фатил в струмичко негде,
в некое село,
каде што селанец работи вредно,
земјиште да продава смело.

– „Гледа го, фана го
со мерак, шо викат,
тва да биде,
как биве тва да се чине?„

– „Мож да тераме планове ного,
јај ти го пример краварнико,
или на Мирчо свинарнико.
И Саашто и Ваасто завршија сичко„.

– „По твое, шо цени јас ќе имам?
Другите как завршија работта, тва да те питам?„
– „Колку пти да кажам, как да го нацрт’м?
Там има скпа и ефтина цена.
Не смеам ногу да говорам.
Комплетно си оде как шо треба.
Как ќе одлучам ја,
така ќе ти земам„.

– „Да си спремам, јас, утре, колку можам пари да платам.
70 динара е како метар квадратен за држав’та?
А другото тие се пљус две евра, така ги кажа?„
– „Така е.
Едното евро директно на црква се дава,
а другто, кај Виицто,
во менувачниц’та се остава„.

Сврши Зајко земјиште да дава,
па ми тргна Зајко при Патко – да го кара:
– „Ти ли вечен овчар да ни бидеш?
Време ти е малку да си идеш!„

А Патко наш, неќе нигде да се сели,
па на Зајко, уз воздишки, вели:
– „Му создавам на народот нешто многу вредно,
макар и од картон,
макар и од малтер мермер,
кој да каже дека му е сеедно?
Јас, Никола, го разбирам светот како свет за нас –
како еден голем неподелен плац.

Кој ли мене фала да ми каже?
Кој ли може подобро народ да си лаже?
Плацеви на Водно кој подобро од мене граби?
Тоа ти е ко да крадеш од старите баби.
Начекав јас голем џабалак
па си грабнав уште еден сладок залак.
Мене ми текна да го смениме и ДУПот, и ГУПот,
И дома кај мене да го земам ќупот.

Провизии кој подобро договара?
Кој подобро р-то го изговара?
Сега кој ќе докаже,
кој од мене е подобро маже?„

Па ми дошол посредникот,
од Европа наредникот.
Почнал двајца многу да ги кара,
почнал обвиненија за злодела да бара.
Па ми ставил тој со своја рака,
по западна, далечна препорака,
специјална јавна жена –
На мажињата,
да им свитка шијата,
што си земја крадеа,
народ што завадија.



15.11.2015

Friday, September 18, 2015

Ништожност

Ништожност

Лицето ти се подува.
Малите свински очиња ти се полупропаднати во дупки.
Твоите зеници не сакаат да ја гледаат реалноста што ти се случува,
твоите белки ги поддржуваат во тоа.
Сето човечко би се оттргнало од тебе и би си отишло,
било каде.
Но не може –
па затоа мора да ја дели судбината со сите твои останати клетки.

Твојата извитоперена свест и твоето чувството за самоодржување,
некако ирационално,
и против сè до што стигнала човечката цивилизација
до ова вртење на планетата,
ти советуваат да ги искористиш сите можности –
сите недомислености во човечките закони,
и сета несозреаност на јавната граѓанска свест;
наспроти интересот на народот што те избрал,
и на штета на државата што ја застапуваш;
да си ја спасиш кожата
од судбината која што праведно ја заслужуваш.

Одвратно суштество.

-       А кој е тоа?
-       Во право си –
зошто да трошиме зборови за ништожност.


Tuesday, September 15, 2015

Има Господ! Има Бог!


Има Господ! Има Бог!



Не признавам материјалности,

затоа црквите за мене се само убаво изградени куќи,

а иконите само убави форми и бои.



Илјадници пати сум се премислувал,

сум преиспитувал,

сум ставал на критички суд,

сум барал логика,

сум барал знак и потврда.



Јас како неверен Тома не верувам додека не видам,

а некогаш дури и после тоа.

Но секогаш кога очекувам да се случи нешто лошо

а се случува добро,

секојпат кога во нередот наоѓам ред и убавина,

и кога нештата како сами да си доаѓаат на место,

тогаш и душата и усните ми воскликнуваат:

- Има Господ! Има Бог!

Thursday, September 3, 2015

Ти носиш в себе еден мир

Ти носиш в себе еден мир


Ти спиеш.
Спиј,
и добро сонувај.
 
Разбуди се во оној розов свет,
каде што луѓето се деца наивни,
такви, што сакаат од срце
и памтат тага само еден миг.

Разбуди се со крилја. Летај, мило!
Бразди вечна шир.
И ко што секој невин живот носи -
ти носиш в себе еден мир.



Константин Карев

03.09.15

Monday, August 31, 2015

По патот кон успехот

По патот кон успехот

Те видов утрово,
од автобус во движење,
близу Саем,
околу 10.
Мора да беше ти.


Ако не си била ти -
сум мавтал на погрешна девојка.

Како и да е -
ниту ти,
ниту таа,
не ме видовте.
Си продолживте
по патот кон успехот.






31.08.2015
Константин Карев

Thursday, August 13, 2015

Мрснојадна нација

Мрснојадна нација

Би пикал прсти... в ќуп со маст.
Би лижел долго... и со сласт –
би било грев да престанам.
Би набивал и џебови, со ајвари, со лебови.
Ќебапчиња би порачал, плескавици би голтал.
Од сите можни мусови,
со сите можни вкусови
во уста би си бутал.
А потоа пршута,
со врат, со бут;
без бут, со лут,
и благ, и домашно одгледано
со сирење и кашкавал
одозгора нарендано.
И телешко... и пилешко... и жабешко...
А ако дадат срнешко...
Мммммммммм!

И тоа би го јадел јас, кога би бил на слатка власт
кога би бил на функција;
а некој друг да дава парички,
за мојата консумпција.

Децении потрошени
за мрсна презентација.
Ние сме многу гладна, гадна
и мрснојадна нација.
 

Константин Карев
12.08.2015

Tuesday, August 4, 2015

За чедата на Ма

Нема правда нема мир!
Нема луто нема чир!


Чедата на Ма
чекаат визи за Англија,
а на бегалците од Сирија

и пасоши не им требаат.


Monday, August 3, 2015

Монетаризам

Монетаризам

Ми се сони
како в река фрлам вреќа,
и ја чекам преку граница.

А во вреќата мртво истребено куче.
А во кучето жива мачка,
и тегла со парички.

И ми се сони дека сум бил среќен –
како див получовек
сум се радувал на мртво истребено куче
и на парчиња блескав метал.


А полудената мачка никој не ја есапи.



03.08.2015

Monday, July 13, 2015

И крај

И крај

Си викаш: уште сега.
Си викаш: уште еднаш.
Си викаш: последен пат ми е.
Си викаш: од утре...
Си викаш: имам план.
Си викаш: знам што да правам... од утре.
А сега...
А сега продолжувам... само уште сега...
А од утре...
А утре...
Утре...
И нема „утре„ за тебе.
И ништо не си викаш.
И ништо.

И крај.

Wednesday, July 1, 2015

2 милиони евра

2 милиони евра
Ако одбереш насока
и брзина со која ќе се патуваш низ животот -
секако дека ќе стигнеш таму каде што си тргнал,
но ако оставиш други да те „возат„ -
тие ќе те возат по нивните патишта,
а тоа за тебе ќе биде стоење во место
или вртење во круг.
Така нè „возат„ политичарите
Така нè „возат„ нивните купени медиуми и купени новинари.
Тие ни ги перат мозоците,
тие мислат за нас,
ни пласираат преџвакани информации,
ни наметнуваат заклучоци
без да ни дадат да размислиме.

Кај секој свесен човек се појавува револт
кон таквото силување
на човечкото достоинство и интелект.
Па тој револт блика и од мене.
И секојпат кога случајно
ќе го притиснам копчето на далечинскиот управувавач
а како резултат на тоа,
на екранот на мојот телевизор
ќе се појави опротивениот лик,
тој револт дивјачки извикува:
Добро бе, господине Латекс,
добро бе господине низаеден,
добро бе кондому искористен,
зошто да ти давам од времето?
Зошто да те пуштам во мојот свет свет?
За да ми ги лажеш вистините?
За да ми газиш по сништата и радостите?
Мислите да ми ги прелажеш, обесчестиш и земеш?
Па ти сè знаеш, на сите им објаснуваш,
за сè збор ќе најдеш, сè ќе протолкуваш,
сè ќе свртиш наопаку – ќе извртиш лице на опачина,
нечии црева ќе извадиш од утробата негова,
па в раце ќе му ги дадеш и ќе кажеш:
– Повели! Денес слава славам, па раздавам.

Како ли гревовите ќе си ги оправдаш?
Како ли ќе те суди иднината?
Кои пари душата ти ја купија,
па по себе и други во пекол да водиш?

...2 милиони евра... (Годишно? Месечно?)

Sunday, May 31, 2015

Мојата чудесна земја

Мојата чудесна земја

Мермер што не е мермер,
туку малтер;
Министерка што не е министерка,
туку змија;
Премиер што не е Премиер,
туку измамник и крадец;

А сите тие вистини за Македонија
ни ги открива чесниот кој што не е чесен,
туку е уценувач кој бара по едно евро за себе
и по едно евро за „црквата„
за секој квадратен метар земја,
што ќе го украде
од парите на граѓаните.

Е навистина - Македонија е чудесна земја.

Saturday, May 23, 2015

Уметност со заби



Уметност со заби

Имам пари што не сум ги заработил,
и што не сум ги потрошил,
на потребштини,
и на непотребштини,
за децата,
и за жената што ги немам.
Мора да сум надвор од нормалата –
ги трошам за создавање уметност со заби.
Не сум добар.