Wednesday, October 12, 2016

Ова се стихови...

Ова се стихови
што се откриваат малку
по малку.

При првиот контакт -
можеби ќе ти фрлат испитувачки поглед
или надмено ќе те пресечат.

При вториот контакт,
кој трае подолго -
ќе почнеш да ги испитуваш
и ќе забележиш
дека надменоста ја има
малку помалку.

А кога,
по долго време,
ќе ги заборавиш;
и повторно, случајно, ќе ги сретнеш некаде,
веќе ќе ти биде јасно дека...

ова се стихови
што сè откриваат...


Ајде без лажење
Има песни со кои би се оженил.
Има поезија поради која би се развел.
Со некои песни би се женел
и разведувал и женел до крајот на светот.
На некои стихови би им правел нешта
што не се за кажување.
Има такви со кои добро ни оди.
Има поезија со која се среќавам само ноќе,
чија лирика се проѕира на месечева тишина,
само после полноќ
кога повеќето песни спијат.
Знам неколку од нив со кои сигурно ќе имам само секс.
Една порано, друга подоцна...
Со некои по две-три одеднаш.
Има песни што ми се покажуваат до пола,
И други на кои им допирам само по строфа.
Има поезија што би ја извел на вечера
со келнер во бело и свиткани мустаќи
кој чека да наточи
дур и читам од очи преку сребрени свеќници.
Има песни по кои би се влечел како куче.
Има и такви на кои би им дозволил да ме врзат.
Но и некои од нив плачат да ги врзам.
Стегнати во тврди корици да ги заковам
и качен врз нив за кај што не знам да испловам.
Aџамија
Автор на цртежот: Стела Динова

No comments:

Post a Comment