Sunday, June 29, 2014

За тебе


За тебе

Ми кажаа дека сум многустран.
А јас си мислам: ако сум многустран, тогаш сум многуаголен.
А колку агли, страни и точки, е најдобро да има човекот?

Ако си точка, тогаш си како прашинка, којашто секој може да ја дувне.
Прашинка, којашто одвај се гледа и никој не ја сфаќа сериозно.
Ако си отсечка, тогаш тебе те дефинираат две точки: прва и последна; последна и прва.
Ти тешко се превртуваш и тешко менуваш страни. Дури и ако во тебе има двоумење на која своја страна да застанеш, ти секогаш ќе им дозволуваш на другите да те газат.
Ако си триаголник, тогаш повеќето твои агли ќе се остри, такви ќе бидат и твоите одлуки и зборови - остри и отсечни; но ти ретко ќе бидеш прав.
...
Ако си многуаголник, тогаш имаш многу агли и многу страни, но некои твои страни нема да бидат доволно издржливи да ти дадат стабилност, сè ќе ти зависи од тоа каде ќе ти биде тежиштето.
...
Ако си круг, тогаш имаш бесконечно многу агли од по 180 степени, или пак може да се каже дека имаш бесконечно многу страни, но твоите страни ќе се само точки, само прашинки. Затоа и со кругот ќе се најде кој да си игра и да го носи од место на место.

На крајот се прашувам:
Која човечка страна е најважна?
Која е страната што го опишува и дефинира?
И како тоа, јас, можам да се дефинирам како многустран, кога ми недостига една страна?
Всушност, можеби ми недостига основата?
Како, во мојот случај, да си го најдам тежиштето?
И значи ли тоа дека кога си многустран, а ти недостига една страна, дека тогаш ти си само збир на отсечки?

Ми недостигаш ти.

<29.06.2014>

No comments:

Post a Comment