Wednesday, October 8, 2014

Тотална интергалактичка катаклизма



Тотална интергалактичка катаклизма

Планетата Земја се врти околу тебе.
Те заобиколува од сите страни,
но секогаш на дистанца,
по определена орбита,
со свој апхел и перихел,
апоцентар и перицентар.

Заробена од привлечната сила
на твоите колена,
но и под влијание
на центрипеталната сила
предизвикана од разноста на световите,
таа е осудена на
вечна блискост
без колизии,
со минимално триење
неспособно да запали искра.

Земјата ротира многу бавно
околу својата оска,
затоа што ниту еден континент,
ниту пак океаните,
сакаат доброволно да се откажат
од визуелниот контакт
со твоите колена.

ѝ завидувам на планетата Земја.
Таа знае каде,
и како да се врти.


















Сепак, мене тоа не би ми било доволно.
Јас сум поинаков –
импулсивен сум
и предизвикувам колизии.

Кога би бил во твоја близина,
би предизвикал
тотална
интергалактичка
катаклизма.



08.10.2014

No comments:

Post a Comment